Повеќе од 500 учесници учествуваа на регионалните работилници во рамки на проектот „ТАДАМ“
Во периодот од октомври 2024 до март 2025 година, проектот ТАДАМ се фокусираше на фазата на децентрализација преку организирање на регионални работилници посветени на медиумската писменост во контекстот на вештачката интелигенција (ВИ) и алгоритмите. Вкупно се одржаа 22 регионални работилници во различни земји низ Европа, како Италија, Белгија, Грција, Финска, Франција, Македонија, Црна Гора, Србија, Шведска и Романија. Во работилниците учествуваа 511 лица меѓу кои студенти – 28% (14% од областа на образованието, 14% од медиумите), едукатори и наставници – 36,8%; медиумски професионалци – 25,2%, ИТ професионалци – 7,3% и други – 2,7%.
Фазата на децентрализација беше осмислена со цел да се продлабочат и применат приоритетните теми кои беа идентификувани за време на Почетниот семинар во јуни 2024 година, приспособувајќи ги на локалните и регионалните контексти преку партиципативни работилници:
Приоритет 1 – Рефлексија за позитивната и негативната улога на вештачката интелигенција во медиумската продукција
Приоритет 2 – Адресирање на предрасудите генерирани од вештачката интелигенција и етичките импликации
Приоритет 3 – Развивање на вештини за критичко користење на вештачката интелигенција (како консумент и креатор на медиумски содржини)
Приоритет 4 – Проценка на перцепцијата, свесноста и емоциите на публиката за содржини генерирани од вештачката интелигенција
Приоритет 5 – Креативно користење на инструкции (prompts) и обучување на вештачката интелигенција
За да се овозможи доследна имплементација на регионалните работилници, Универзитетот од Фиренца (УНИФИ) разви сеопфатна методолошка рамка заснована на неколку теоретски модели:
- Принципите за дизајн на настава на Дејвид Мерил, кои се фокусираат на практични работилници што вклучуваат задачи од реалниот свет и активности за решавање проблеми со цел да се поттикне учењето.
- Теориите за учење преку искуство на Џон Дјуи, кои го нагласуваат значењето на учењето преку директно искуство, особено во интерактивни и практични работилници.
- Делфи методот, кој се користи во работилници посветени на клучни предизвици, со цел да се поттикне структурирана дискусија меѓу експерти за да се истражат сложени прашања и да се предвидат можни решенија.
При дизајнирањето и имплементацијата на регионалните работилници беа земени предвид четири клучни елементи:
- Територијалните потреби: секој регион има свои специфични социо-културни, јазични и економски услови кои бараат пристапот да се прилагоди.
- Претходното знаење на целните групи: нивото на знаење и искуство на учесниците влијаеше врз едукативните цели и содржината на работилниците.
- Целната група: медиумските професионалци, ИТ професионалците и медиумските едукатори имаат различни професионални потреби.
- Контекстот и засегнатите страни: вклучување на релевантни локални чинители (медиумски организации, образовни институции, креатори на политики) за да се обезбеди целосно разбирање на локалниот медиумски пејзаж и едукативните потреби.
Повратните информации од учесниците на работилниците покажуваат значително влијание пред сè во подигнувањето на свеста и подобрување на знаењата и вештините за користењето на вештачката интелигенција и алгоритмите. Дополнително, работилниците овозможија размена на знаењa помеѓу професионалци од различни сектори, промовирајќи меѓусекторски пристап кон медиумската писменост.
Фазата на децентрализација овозможи собирање на значајни податоци за употребата на вештачката интелигенција во медиумскиот и образовниот контекст преку шеснаесет регионални работилници одржани во различни европски земји.
Оваа фаза успешно ги оствари своите цели, вклучувајќи значителен број учесници од различни сектори и европски земји. Работилниците овозможија идентификација на добри локални практики и заедничко дизајнирање на иновативни образовни стратегии, придонесувајќи за создавање на европска заедница за практики за медиумската писменост.
Исто така, оваа фаза покажа колку е важно методологијата да се прилагоди на локалниот контекст, задржувајќи при тоа кохерентна рамка. Пристапот одоздола-нагоре се покажа како ефективен за вклучување на засегнатите страни и собирање релевантни сознанија од теренот.
Врз основа на искуствата и резултатите од регионалните работилници, произлегоа неколку препораки за идни иницијативи фокусирани на медиумската писменост во контекст на ВИ и алгоритми. Овие препораки, изведени од извештаите од работилниците, повратните информации од учесниците и размислувањата на партнерите, имаат за цел да ја подобрат ефикасноста и влијанието на слични идни активности.
Содржина и пристап
- Фокус на специјализација: повратните информации од учесниците на работилниците сугерираа дека е потребна поспецијализирана содржина на теми како „креирање аватари/анимирани ликови“ и „апликации во уметноста и филмот/цртање колажи со помош на ВИ“.
- Дизајн фокусиран на практика: да се одвои повеќе време за практични активности.
- Посилна модерација: повеќе работилници ја истакнаа важноста од вешта и искусна фасилитација.
Тематски приоритети
- Етички димензии: да се стави поголем акцент на етичките прашања и потенцијалното влијание од употребата на ВИ во медиумите врз општеството.
- Фокус на визуелна содржина: некои учесници конкретно препорачаа да се стави фокус на визуелни содржини односно да се организираат специјализирани работилници за создавање визуелни содржини со помош на ВИ.
- Нагласок на дезинформации: некои учесници предложија поголемо внимание да се обрне на дезинформациите во контекстот на ВИ.
Образовни ресурси
- Мултијазични материјали: Да се развијат ресурси на повеќе јазици за да се зголеми пристапноста низ различни региони.
- Прилагодлива содржина: Да се создаде модуларна содржина што може да се прилагоди на различни регионални и културни контексти.
- Практични ресурси: Да се развијат практични алатки и ресурси што учесниците веднаш можат да ги применат во својата работа.
Диверзификација на публиката
- Меѓусекторска соработка: Да се вклучат учесници од различни сектори во размената на знаења.
- Вклучување на млади: Да се развијат специфични стратегии за ангажирање на младите, особено во формалното образование.
- Вклучување на носители на одлуки: Да се вклучат креатори на политики и носители на одлуки во работилниците за да се надмине јазот меѓу праксата и политиките кои се донесуваат.
Прилагоден пристап
- Сегментација според експертиза: Да се размисли за организирање работилници според нивото на знаење наместо според сектор, за полесно справување со мешани нивоа на знаења.
- Секторски модули: Да се развијат специјализирани модули за различни сектори, додека основната содржина останува заедничка за сите групи.
Стратегии за имплементација
- Локално прилагодување: При прилагодувањето да се земат предвид локалниот контекст и потреби.
- Подобрување на комбинираното учење: Ако се комбинираат онлајн и физичко присуство, да се развијат подобри стратегии за еднакво вклучување на учесниците на далечина.
- Управување со знаење: Да се воспостават посилни системи за управување со знаење за да се собираат и споделуваат сознанија од различните работилници.
Следење и одржливост
- Изградба на заедница: Да се создадат трајни заедници меѓу учесниците од работилниците.
- Поддршка за имплементација: Да се обезбеди поддршка по работилниците за учесниците кои сакаат да применуваат нови практики.
- Проценка на влијание: Да се развијат посилни механизми за проценка на долгорочното влијание надвор од непосредната евалуација.
Интеграција во формалното образование
- Развој на наставни програми: Да се разгледа можноста за воведување на „креирање ефективни инструкции за вештачка интелигенција“ како училишен предмет.
- Фокус на обука на наставници: Да се засили обуката на наставници кои ќе можат да го мултиплицираат влијанието преку работа со ученици.
- Институционални партнерства: Да се развијат посилни партнерства со формални образовни институции за интегрирање на писменоста за ВИ во постоечките наставни програми.
Овие препораки колективно укажуваат што треба да се направи за да се надградат з постигнувањата од регионалните работилници, истовремено адресирајќи ги идентификуваните предизвици и празнини.
Сите овие препораки ќе бидат земени предвид на претстојниот MediaEdukathon во Атина. Тие ќе претставуваат суштински дел од иницијалниот сет на податоци за заеднички дизајн на инспиративни обуки. Увидите, предизвиците и добрите практики идентификувани низ 22-те работилници директно ќе го информираат процесот на соработка во дизајнот, осигурувајќи дека обуките развиени за време на овој настан ќе бидат базирани на докази и одговор на разновидните потреби во европски контексти. Со интегрирање на овие препораки во процесот на дизајн, ќе се создадат поефективни, попрактични и поиновативни пристапи кон едукацијата за медиумска пи сменост. во врска со ВИ и алгоритми