MY-WAI – Митови, сведоштва и критички дијалог со ВИ

Алесандро ЧИЕРРО (UCLouvain, BE), Стефано КУОМО (Универзитет во Фиренца, IT), Владимир ДЕЛОВ (ИКС, МК), Лео ДУПОН (CFA ASBL, FR), Марија ЛЕОНИДА (KARPOS, GR), Борбала ТИМАР (MOME, HU), Костас ВОРОС (IOE-UCL, GR)

Проектот предлага педагошки пат за развивање критичка писменост за ВИ преку креативно и дијалошко учење. Наместо забрана на ВИ, проектот ги учи учениците да ја користат како интелектуален партнер и критички соговорник. Преку три фази – раскажување приказни, дебата и рефлексија – учениците преминуваат од креативна ко-креација со ВИ кон метакогнитивна самооценка. Пристапот ги комбинира медиумската писменост, учењето преку игри и конструктивистичките принципи за да поттикне љубопитност, одговорност и критичка свесност.

Концепт

MY-WAI – Митови, сведоштва и критички дијалог со ВИ е педагошки рамковен модел дизајниран да го трансформира начинот на кој учениците и наставниците се однесуваат кон генеративната вештачка интелигенција. Наместо да се третира ВИ како закана за академски интегритет или како брзо решение, проектот ја преконцептуализира како катализатор за критички дијалог, креативност и рефлексија.

Идејата е едноставна, но радикална:

да се премине од „контрола на ВИ“ кон „образование со ВИ“ – помагајќи им на учениците да станат одговорни и самосвесни корисници на новите медиумски технологии.

Развиен во согласност со конструктивистички и дијалошки теории на учење (на пример, социокултурниот пристап на Виготски и критичката педагогија на Фреире), MY-WAI воведува трет соговорник во училницата: самата машина. Учениците комуницираат со ВИ во структурирани „триалози“ што ги вклучуваат врсниците, наставникот и алатката. Преку ова, тие учат:
како промптовите го обликуваат значењето,
како да ги толкуваат ограничувањата на ВИ,
како да ги претворат алгоритамските предлози во смислен човечки израз.

Методологијата следи прогресивен пат – од колективно истражување кон индивидуална метакогниција.
Учесниците:

  • почнуваат со разбирање што е ВИ и како функционира (Чекор 0),
  • преминуваат кон кооперативно раскажување приказни (Чекор 1),
  • потоа во структурирани дебати (Чекор 2),
  • и конечно сублимираат знаења преку индивидуален рефлексивен дневник (Чекор 3).

Секоја фаза ја зајакнува способноста на учениците да ги преиспитуваат, проверуваат и куратираат излезите од ВИ, наместо пасивно да ги прифаќаат.

Проектот комбинира медиумска едукација, учење преку игра и етичка рефлексија за да изгради генерација ученици кои не се заплашени од ВИ, туку способни критички да коегзистираат со неа. Во таа смисла, MY-WAI не ги учи учениците како да користат алатка, туку како да мислат со неа – и, кога е потребно, против неа.

Приоритети

Главен приоритет: Приоритет 3 – Развивање вештини за критичко промптирање (во медиумска рецепција и продукција)
Поврзан приоритет: Приоритет 5 – Креативно промптирање и тренирање на ВИ
Образложение
Проектот директно го адресира Приоритет 3 со тоа што ги обучува учениците да станат критички ВИ промптери – корисници што умеат да поставуваат прашања, да ги преиспитуваат, финализираат и оценуваат излезите на ВИ наместо пасивно да ги консумираат. Преку структурирани триалози помеѓу врсници, наставници и машината, учениците доживуваат промптирање како процес на размислување, а не автоматизација.
MY-WAI истовремено придонесува и за Приоритет 5, бидејќи креативноста се третира како врата кон критичката свесност. Преку експериментирање со нарација, дебата и рефлексија, учениците учат дека креативното промптирање не е само генерирање содржина, туку разбирање на тоа како значењето се ко-конструира помеѓу човекот и ВИ – на креативен и одговорен начин.

Цели

  • Да се изгради способност кај учениците да користат ВИ критички, а не пасивно.
  • Да се зајакнат аргументацијата, проверката на факти и рефлексивните вештини.
  • Да им се овозможи на наставниците транспарентно интегрирање на ВИ во процесот на учење.
  • Да се промовира етички и креативен ангажман со генеративни алатки.

Целна група

Главната целна група се наставници и едукатори кои работат со средношколци или млади возрасни и сакаат на критички, рефлексивен и етички начин да интегрираат генеративна ВИ во наставата.
MY-WAI им обезбедува целосна педагошка алатка: наставни планови, евалуациски матрици и рефлексивни практики.
Крајните корисници се учениците во средните училишта кои работат со ВИ преку раскажување приказни, дебата и рефлексивно пишување.
Пристапот лесно се адаптира и за помлади ученици или за образование на возрасни, бидејќи се фокусира на развивање трансверзални компетенции: критичко размислување, медиумска писменост и дигитална етика.

Модалитети: чекори и инструкции

Патеката за учење MY-WAI е структуирана како прогресивна секвенца што се движи од колективно откривање кон индивидуална рефлексија. Секој чекор ја преведува истата педагошка идеја – критички дијалог со ВИ – во различни формати на учење: игра, соработка, аргументација и самооценка.
Чекор 0 – Запознај ја машината
Заеднички вовед во концептите за ВИ, основните механизми (како големите јазични модели генерираат текст), и поврзаните етички прашања.
Чекор 1 – Беше еднаш една ВИ
Колективно раскажување приказни со генеративни модели, со фокус на промптирање и врсничка рефлексија.
Чекор 2 – ВИ Судница
Улоги и дебата: учениците проверуваат факти, анализираат излези од ВИ и брани аргументи пред „жири“.
Чекор 3 – ВИ & Јас
Индивидуален рефлексивен дневник што ги документира:
употребата на ВИ,
донесените одлуки,
процесите на проверка на информациите.
Секоја фаза содржи групна работа, меѓусебна евалуација и метакогнитивно следење.

Материјали и ресурси (достапни само на англиски јазик)